среда, 24. април 2013.

Туризмот - феномен на современото живеење

                                             
Еднаш еден светски експерт од туризмот рекол: „Треба да бидеме сигурни дека туризмот ги почитува културите и човековата околина и оти приходите, што произлегуваат од него, се исто така наменети за рамноправна заштита на богатствата на наследството и наменети за зајакнување на културниот развој“.

                           
 
Квалификуван како ФЕНОМЕН на современото живеење, туризмот како стопанска гранка и кај богатите и сиромашните земји и региони во светот, постојано е предмет на економски анализи и развојни планови. Речиси и да нема катче на Земјината топка, каде што не се подготвува некој туристички пакет за понуда, а во кој се ставаат природните убавини, реткости, историските споменици, фолклорот, народните обичаи, гастрономските специјалитети...
 
                                          

Сè тоа е еден невиден натпревар меѓу земјите, тур-операторите, околу тоа кој колку големо внимание и број на туристи ќе привлече на своите морски или езерски плажи, на своите планини, метрополи, помали градови, рурални и еколошки средини, културно-историски споменици и сл.

                                              Мобилност и движење на населението

Во поново време туризмот се карактеризира со општа мобилност и движење на населението. Без оглед на мотивите, туристите кои патуваат и престојуваат надвор од својата земја, трошат одредена сума пари за задоволување на голем број разновидни потреби. Полза од овие девизни средства што ги трошат туристите во земјата каде што престојувале имаат речиси сите стопански и нестопански гранки и разни други дејности. Имено, туристите, кога плаќаат хотелски сметки, тие практично ги плаќаат трошоците на хотелиерите направени во други сектори на производство и услугите, со што туризмот има позитивно влијание врз целокупната економија на земјата, каде што престојувале туристите и трошеле девизни средства.

                                                  Вонпансионска потрошувачка

Туристите ги трошат девизите и надвор од хотелот, во трговијата, сообраќајот, разните други видови услуги, посети на културно-историските споменици, на забава, спорт и рекреација и слично. Во развиените туристички земји, овој вид на т.н. вонпансионска потрошувачка изнесува над 50 проценти од вкупните давачки платени за храна и престој во хотелот. Туризмот како стопанска дејност претставува економска појава со силно изразено влијание таму каде што тој настанува и ја врши својата основна функција - прифаќање и сместување, а истовремено и задоволување на голем број разновидни барања и желби на туристите. Тој со своето мултипликативно влијание во процесот на стопанисување, посредно или непосредно, поттикнува и вклучува повеќе стопански гранки и дејности во вкупната туристичка понуда. Во светски рамки туризмот, ако се развива правилно, професионално, процентуално може да вработи поголем број луѓе, во однос на другите стопански гранки.

Нема коментара:

Постави коментар