среда, 24. април 2013.

Главна цел на Алтернативниот туризам

Главната цел е зајакнување на малите стопанства за проширување на туристичката дејност во алтернативните видови на туризам со фокус на екологија, спорт и култура.
                                                                                                                                                                  

Алтернативен туризам - Богатството во Македонија !


                                         

        Скриеното богатство не носи профит

Голем дел од нас ја знаат приказната за човекот со големото парче злато што љубоморно го криел од околината и секојдневно одел да го гледа и да му се восхитува за потоа повторно да го скрие и тоа го правел со години. Но, како што бива, ниедна тајна не останува вечна, па така тајната на овој човек била разоткриена од неговите соседи. Еден ден тие успеале да отидат до неговите тајни одаи и големото парче злато да го заменат со обичен камен со објаснување дека ако златото служи само за гледање, тогаш сеедно дали е тоа големо парче злато или обично парче камен. Исто така, приказната можеме да ја поврземе и со љубоморните родители што ја чуваат својата ќерка далеку од очите на додворувачите, затворена во моминската соба.

                                                     Богатството на Македонија

Токму овие две приказни ја отсликуваат состојбата на македонскиот туризам во 21 век. Сето природно и антропогено богатство на територијата на Република Македонија што го има во изобилство личи на скриеното богаство на скржавецот, и скриената девојка, а така е само затоа што не создадовме реални услови сите тие убавини на нашата земја да бидат достапни за туристите и затоа љубоморно само мал број од нас ќе отиде до одреден локалитет (нормално, ако има изградена инфраструктура да се стаса дотаму) и тоа доживување да го чува само за себе.          
 
                                                       Туризмот е приказна! 

Скриените парчиња злато во нашата Македонија (нашето природно и културно наследство) не треба да ги криеме само за себе, туку треба да го споделиме со соседите (странски туристи) и со тоа да овозможиме неговата вредност да порасне. Нашите убави девојки не треба да ги криеме (една од нив е и скаменетата невеста во Куклица), туку секојдневно да ги покажуваме на потенцијалните додворувачи (туристите) и пак да ги задржиме за себе. Но, сето тоа најмногу зависи од државата што не треба да биде ниту скржава ниту љубоморна во изработка на стратегија за тоа дали сакаме или не сакаме да развиваме туризам. Не е прашање дали можеме. Да, можеме, но треба да се одлучиме дали сакаме?.. И на крајот, да не се прашувате зошто почнав со приказна, да ја објаснам врската: туризмот е една голема приказна што треба да ја разубавиме и успешно да ја презентираме пред светот.                                                                                                               
                                       
                                        
                                    
 

Туризмот - феномен на современото живеење

                                             
Еднаш еден светски експерт од туризмот рекол: „Треба да бидеме сигурни дека туризмот ги почитува културите и човековата околина и оти приходите, што произлегуваат од него, се исто така наменети за рамноправна заштита на богатствата на наследството и наменети за зајакнување на културниот развој“.

                           
 
Квалификуван како ФЕНОМЕН на современото живеење, туризмот како стопанска гранка и кај богатите и сиромашните земји и региони во светот, постојано е предмет на економски анализи и развојни планови. Речиси и да нема катче на Земјината топка, каде што не се подготвува некој туристички пакет за понуда, а во кој се ставаат природните убавини, реткости, историските споменици, фолклорот, народните обичаи, гастрономските специјалитети...
 
                                          

Сè тоа е еден невиден натпревар меѓу земјите, тур-операторите, околу тоа кој колку големо внимание и број на туристи ќе привлече на своите морски или езерски плажи, на своите планини, метрополи, помали градови, рурални и еколошки средини, културно-историски споменици и сл.

                                              Мобилност и движење на населението

Во поново време туризмот се карактеризира со општа мобилност и движење на населението. Без оглед на мотивите, туристите кои патуваат и престојуваат надвор од својата земја, трошат одредена сума пари за задоволување на голем број разновидни потреби. Полза од овие девизни средства што ги трошат туристите во земјата каде што престојувале имаат речиси сите стопански и нестопански гранки и разни други дејности. Имено, туристите, кога плаќаат хотелски сметки, тие практично ги плаќаат трошоците на хотелиерите направени во други сектори на производство и услугите, со што туризмот има позитивно влијание врз целокупната економија на земјата, каде што престојувале туристите и трошеле девизни средства.

                                                  Вонпансионска потрошувачка

Туристите ги трошат девизите и надвор од хотелот, во трговијата, сообраќајот, разните други видови услуги, посети на културно-историските споменици, на забава, спорт и рекреација и слично. Во развиените туристички земји, овој вид на т.н. вонпансионска потрошувачка изнесува над 50 проценти од вкупните давачки платени за храна и престој во хотелот. Туризмот како стопанска дејност претставува економска појава со силно изразено влијание таму каде што тој настанува и ја врши својата основна функција - прифаќање и сместување, а истовремено и задоволување на голем број разновидни барања и желби на туристите. Тој со своето мултипликативно влијание во процесот на стопанисување, посредно или непосредно, поттикнува и вклучува повеќе стопански гранки и дејности во вкупната туристичка понуда. Во светски рамки туризмот, ако се развива правилно, професионално, процентуално може да вработи поголем број луѓе, во однос на другите стопански гранки.

Дефинирање на Алтернативниот туризам

Желбата за бегство од индустријализираноста и брзото темпото на живот придонесува луѓето сè почесто да го избираат алтернативниот туризам како начин на одмор во денешно време. Враќање кон природата, допирот со традицијата и сопствените корени се задоволства што современиот турист сè почесто ги бара.

              
Македонија има одлични услови за развој на велосипедскиот, културниот, винскиот, селскиот, пештерскиот туризам и еко-туризмот. Пределите како Вевчани, Брајчино, Коњско, Берово, се само мал дел од местата каде што може да се развива селскиот туризам и еко-туризмот. Имаме можност да понудиме одлични предели за планински велосипедски туризам на Шар Планина, Маврово, Галичица, Водно. Пештерите Врело, Пешна, Убава, Шаркова Дупка, Алилица, Слатинска, нудат можности за развој на спелеотуризмот или на рекреативниот туризам. Меѓу другото, Македонија изобилува со голем број на културно-историски споменици, бањи, национални паркови, а сето тоа, доколку се искористи, може многу да придонесе за развој на регионот и да се зголеми бројот на работни места.

  
Македонија има огромен потенцијал за развој на алтернативниот туризам, но она што најмногу недостасува е добра меѓународна промоција. Еден пример за тоа се Колешинските Водопади близу Струмица, кои од 2005 година се промовираат и оттогаш, па досега бројот на туристите се зголемил за сто проценти.

уторак, 23. април 2013.

Промоција на Алтернативен туризам

                         

Туризмот има значајна улога во економскиот развој и преку него може да се привлечат нови инвестиции, да се креираат нови работни места и да се промовираат културните вредности и природните богатства на Македонија.

 Владата ќе продолжи да го поддржува овој сектор преку соодветни мерки, политики, конкретни проекти за изградба на модерна туристичка инфраструктура и промоција на Република Македонија како атрактивна туристичка дестинација во странство.

 Идниот развој ќе се темели на понуда дефинирана според компаративните предности на Македонија, пред си во делот на еко - туризмот, културен, езерски, зимски, спортски, ловџиски, конгресен, бањски, манастирски, археолошки, селски, планински и вински туризам.

                                             
                                            
                                          
                            Алтернативен туризам - Еко туризам и планински туризам:

- ќе се обезбеди помош на 10 општини годишно за изработка на стратегии за развој на еко и   алтернативниот туризам (континуирано);
- ќе се развие концептот на урбан рекреативен (активен) туризам во 5 туристички локации (континуирано);
- ќе се обезбеди поддршка за развој и промоција на зимскиот туризам на Попова Шапка, Маврово, Пелистер, Кожув, Крушево и Пониква (континуирано);
- Проект: Мега атрактивен скијачки центар „Попова Шапка“. Проектот вклучува изградба на нови жичари и ски-лифтови, инсталација за вештачки снег, нов хотел и други сместувачки капацитети (2011-2015);
- понатамошен развој и на зимскиот центар Пелистер преку концесионирање на ски-лифтовите и изградба на нови хотелски објекти (2012)
- нови локации за изградба на дополнителни комерцијални објекти и хотели во Маврово (2012)
- завршување на пристапниот пат и изградба на потребната инфраструктура до ски центарот Кожув (2011-2012)
- изградба на нов ски лифт и проширување на постојните ски патеки и друга туристичка инфраструктура во Крушево (2013-2014)
- изградба на потребната инфрастуктура за пристап до манастирите Зрзе и Трескавец (2013-2014)
- во соработка со градот Скопје, изградба на скијачка патека на планината Водно (2013);
- во соработка со градот Скопје, со ЈПП ќе овозможиме модернизација и проширување на Луна Паркот во Скопје (2013)
- промоција на Македонија за развој на конгресен и истражувачки туризам (2012- 2014);
- мапирање на туристичките знаменитости и обележување на сообраќајниците во регионите секаде каде е тоа потребно (2012-2014)
- развој на кањонот Матка во туристички центар со соодветен промотивен материјал, локации за изградба на услужни објекти и директна автобуска линија од Скопје (2011-2014);
- развивање на туристичките потенцијали на Осоговскиот и Малешевскиот регион, преку одредување на локации за изградба на услужни и сместувачки капацитети и сл. Ќе се поддржи изготвување на промотивни материјали за потенцијалите во туризмот и во останатите микро и планинарски региони и промовирање на локациите каде има водопади и пештери (2011-2015)
- развивање туристичка програма базирана на концепотот на „Активен одмор“, односно спортски и авантуристички туризам Поставување на патокази за најмалку 20 дестинации годишно за активен одмор (2012-2015)
- изградба на 60 километри туристичко рекреативни патеки по планините (Попова Шапка, Пелистер, Пониква, Кожув, Маврово и Голак ) (2012-2015)

Туризам

Туризам е патување за рекреација, одмор или бизнис цели. Светската туристичка организација ги дефинира туристите како луѓе кои „патуваат и остануваат во места надвор од нивната вообичаена околина повеќе од дваесет и четири (24) часа и не повеќе од една последователна година за одмор, бизнис и други цели кои не се поврзани со извршување активност исплатена во местото кое се посетува“.

 

 Хунцикер и Крапф, во 1941 год., го дефинирале туризмот како луѓе кои патуваат „збир од феномени и врски кои произлегуваат од патувањето и престојот на гостите, до степен кој нe води до постојано живеалиште и кој не е поврзан со заработувачка активност“. Во 1976 год., дефиницијата на Здружението за туризам на Англија била: „Туризмот е привремено, краткотрајно движење на луѓето кон дестинации надвор од местата во кои обично живеат и работат и нивните активности во текот на престојот на секоја дестинација. Тоа опфаќа движења со секакви цели.“ Во 1981 год., Меѓународната асоцијација на научни експерти во туризмот го дефинирала туризмот како одредени активности одбрани по избор кои се преземаат надвор од домот.


                                     

    Туризмот стана популарна глобална активност за одмор.

Стационарен или алтернативен туризам


                                                   
                                              

Во Македонија има околу 5-6 илјади квалитетни хотелски кревети со две,три,четири и пет ѕвезди. Од тоа на Охридското Езеро ги има околу три илјади и со добра пропаганда и нејзино професионално водење може да се пополнат околу две илјади кревети на период од околу 5 месеци или 150 дена, што би значело околу триста илјади туристи.

              
      Туризмот како феномен на денешнината, зазема се' позначајно место во економијата на секоја земја. Амбиција на секоја земја е, преку туризмот да привлече што поголем број странски туристи, кои ќе ги посетуваат и разгледуваат нејзините туристички и други убавини. Туристичкиот колач во светот е многу голем и секоја земја, мала или голема, се труди да освои што поголем дел од него. Секоја земја има своја туристичка понуда и преку неа во силната светска туристичка конкуренција, се обидува да освои што поголем број потенцијални туристи. Така и Македонија со својата туристичка понуда, се обидува да привлече што поголем број туристи во своите туристички места, езерски крајбрежја, градски и рурални средини,  природни убавини и друго.

                                         http://www.setimes.com/cocoon/setimes/images/2012/03/19/ALEKSANDARphoto3.jpg
Македонија исто така прави големи напори и вложува средства за пропаганда и афирмирање на своите туристички капацитети, се со единствена цела што повеќе туристи да ја посетат нашата земја. И формирањето на Државната агенција за туризам направена е со единствена цел, промоција на туристичките потенцијали на Македонија и привлекување на што поголем број странски туристи. Со еден збор, се работи за искористување на сите потенцијали, туристички, економски, човечки, се со единствена цел, да се привлечат туристите да ја посетат нашата земја што помасовно. Тоа ќе придонесе за пополнување на хотелските капацитети, транспорт, телекомуникација, посета на културно-историските знаменитости, археолошки локалитети, консумирање на повеќе храна и на овој начин, се остваруваат и поголеми финансиски средства. Со поголем број странски и домашни туристи во државата, се отвораат и поголеми можности за развој на т.н. алтернативен туризам или како што беше пред појавата на терминот алтернативен, се организираа полудневни, еднодневни и повеќедневни излети во државата. Сега овие излети и екскурзии се нарекуваат алтернативен туризам, што и во денешно време на развој на туризмот, може да се прифати и како таков термин. Имено поголем број од странските туристи што се стационираат во туристичките центри, особено на охридското крајбрежје, секојдневно ќе имаат можност во организација на домашните ТО, да ги посетуваат алтернативните форми на туризам :

- културно-историските споменици;

- руралните средини;

- посета на винарниците и дегустација на македонско вино;

- авантуристички излети;

- берење шумски плодови;

- посета на бачила во кои се прави сирење;

- посета на разни културни и традиционални манифестации за традициите и обичаите на Македонија и слично.

Фактот дека најголем број од туристите ќе бидат сместени на охридскиот брег, мора да се прифати како сосема нормален, бидејќи нашиот туристички центар Охрид и Охридското Езеро се најпознати како во регионот така и во светот. Впрочем, секоја земја си има свој туристички бисер, а тоа кај нас секако е нашето Охридско Езеро со градовите Охрид и Струга. Секако, дека во државата има и други туристички центри, многу убави и интересни места, градови, села, природни убавини и слично и со т.н. алтернативен туризам, се дава можност на странските туристи да ги посетуваат и запознаат и овие места.

                                       
 Дали алтернативниот туризам сам за себе како форма на развој на туризмот во нашата држава, може да се развива самостојно, или без помош на стационарниот -масовниот туризам ? На кој начин, во каква форма и колку туристи би привлекла нашата земја, исклучиво преку алтернативен туризам, а со тоа и колку средства ќе бидат остварени од него?Мислам дека без вложување во промоција на нашиот најголем туристички центар Охрид и Охридското Езеро, и привлекување што поголем број странски туристи, развојот и ефектите од алтернативниот туризам нема да бидат значајни.

На крај ќе завршам со конкретен пример. Имено во Македонија има околу 5-6 илјади квалитетни хотелски кревети со две, три, четири и пет ѕвезди. Од тоа на Охридското Езеро ги има околу три илјади и со добра пропаганда и нејзино професионално водење може да се пополнат околу две илјади кревети на период од околу 5 месеци или 150 дена, што вкупно би значело бројка од околу триста илјади туристи. Убеден сум дека барем половина од овие стационирани гости на Охридското Езеро, ќе бидат корисници - туристи за т.н. алтернативен туризам. Ова значи и секојдневно крстосување на дваесетина и повеќе автобуси низ државата, односно одлична посетеност на повеќето видови алтернативни видови туризам низ целата држава.Се надевам дека ова мое размислување ќе даде поголем поттик на домашните ТО за поголемо ангажирање и доведување што поголем број странски туристи во државата, што е и цел на секоја земја.