уторак, 23. април 2013.

Стационарен или алтернативен туризам


                                                   
                                              

Во Македонија има околу 5-6 илјади квалитетни хотелски кревети со две,три,четири и пет ѕвезди. Од тоа на Охридското Езеро ги има околу три илјади и со добра пропаганда и нејзино професионално водење може да се пополнат околу две илјади кревети на период од околу 5 месеци или 150 дена, што би значело околу триста илјади туристи.

              
      Туризмот како феномен на денешнината, зазема се' позначајно место во економијата на секоја земја. Амбиција на секоја земја е, преку туризмот да привлече што поголем број странски туристи, кои ќе ги посетуваат и разгледуваат нејзините туристички и други убавини. Туристичкиот колач во светот е многу голем и секоја земја, мала или голема, се труди да освои што поголем дел од него. Секоја земја има своја туристичка понуда и преку неа во силната светска туристичка конкуренција, се обидува да освои што поголем број потенцијални туристи. Така и Македонија со својата туристичка понуда, се обидува да привлече што поголем број туристи во своите туристички места, езерски крајбрежја, градски и рурални средини,  природни убавини и друго.

                                         http://www.setimes.com/cocoon/setimes/images/2012/03/19/ALEKSANDARphoto3.jpg
Македонија исто така прави големи напори и вложува средства за пропаганда и афирмирање на своите туристички капацитети, се со единствена цела што повеќе туристи да ја посетат нашата земја. И формирањето на Државната агенција за туризам направена е со единствена цел, промоција на туристичките потенцијали на Македонија и привлекување на што поголем број странски туристи. Со еден збор, се работи за искористување на сите потенцијали, туристички, економски, човечки, се со единствена цел, да се привлечат туристите да ја посетат нашата земја што помасовно. Тоа ќе придонесе за пополнување на хотелските капацитети, транспорт, телекомуникација, посета на културно-историските знаменитости, археолошки локалитети, консумирање на повеќе храна и на овој начин, се остваруваат и поголеми финансиски средства. Со поголем број странски и домашни туристи во државата, се отвораат и поголеми можности за развој на т.н. алтернативен туризам или како што беше пред појавата на терминот алтернативен, се организираа полудневни, еднодневни и повеќедневни излети во државата. Сега овие излети и екскурзии се нарекуваат алтернативен туризам, што и во денешно време на развој на туризмот, може да се прифати и како таков термин. Имено поголем број од странските туристи што се стационираат во туристичките центри, особено на охридското крајбрежје, секојдневно ќе имаат можност во организација на домашните ТО, да ги посетуваат алтернативните форми на туризам :

- културно-историските споменици;

- руралните средини;

- посета на винарниците и дегустација на македонско вино;

- авантуристички излети;

- берење шумски плодови;

- посета на бачила во кои се прави сирење;

- посета на разни културни и традиционални манифестации за традициите и обичаите на Македонија и слично.

Фактот дека најголем број од туристите ќе бидат сместени на охридскиот брег, мора да се прифати како сосема нормален, бидејќи нашиот туристички центар Охрид и Охридското Езеро се најпознати како во регионот така и во светот. Впрочем, секоја земја си има свој туристички бисер, а тоа кај нас секако е нашето Охридско Езеро со градовите Охрид и Струга. Секако, дека во државата има и други туристички центри, многу убави и интересни места, градови, села, природни убавини и слично и со т.н. алтернативен туризам, се дава можност на странските туристи да ги посетуваат и запознаат и овие места.

                                       
 Дали алтернативниот туризам сам за себе како форма на развој на туризмот во нашата држава, може да се развива самостојно, или без помош на стационарниот -масовниот туризам ? На кој начин, во каква форма и колку туристи би привлекла нашата земја, исклучиво преку алтернативен туризам, а со тоа и колку средства ќе бидат остварени од него?Мислам дека без вложување во промоција на нашиот најголем туристички центар Охрид и Охридското Езеро, и привлекување што поголем број странски туристи, развојот и ефектите од алтернативниот туризам нема да бидат значајни.

На крај ќе завршам со конкретен пример. Имено во Македонија има околу 5-6 илјади квалитетни хотелски кревети со две, три, четири и пет ѕвезди. Од тоа на Охридското Езеро ги има околу три илјади и со добра пропаганда и нејзино професионално водење може да се пополнат околу две илјади кревети на период од околу 5 месеци или 150 дена, што вкупно би значело бројка од околу триста илјади туристи. Убеден сум дека барем половина од овие стационирани гости на Охридското Езеро, ќе бидат корисници - туристи за т.н. алтернативен туризам. Ова значи и секојдневно крстосување на дваесетина и повеќе автобуси низ државата, односно одлична посетеност на повеќето видови алтернативни видови туризам низ целата држава.Се надевам дека ова мое размислување ќе даде поголем поттик на домашните ТО за поголемо ангажирање и доведување што поголем број странски туристи во државата, што е и цел на секоја земја.

Нема коментара:

Постави коментар